понедељак, 20. август 2012.

 ПОЖАРАНСКАТА  СТАРА  ВОДЕНИЦА

 Повеќе од еден век, старата воденица мирува покрај некогаш брзите води на Пожаранска Река.

Во длабока сенка од столетните јавори,  одмара пензионираниот објект, кај пожаранци познат како воденица на Виктор (Виктор Петрески) -по името на нејзиниот  сопственик.
Оваа воденица која  порано,  мештаните од село Пожаране  ги хранела  со брашно , денес целосно е во рушевини. 

Воденицата е првата  и единствена по течението на Пожаранска Река,  до која се стигнува по широк земјен пат за неполни триесетина минути нормално одење, или пократко со користење на теренско возило.
Од објектот на воденицата денес се останати само рушевини, распаднати пред забот на времето.  Во дворот и околината мноштво од сведоштва дека тоа е воденица, бидејќи тука се остатоците од воденичките камења, камените полусводови на темелната конструкција низ кој поминувал каналот за довод и одвод на водата, со која се придвижувал чаркот на тешките воденички камења за мелење на житото.
Остатоци од воденицата


Делови од воденичкиот камен
Натоварено на коњи, житото од амбарите го носевме овде во  воденицата, каде потоа се мелеше во брашно за приготвивање леб. Додека чекавме истото да се сомеле, во мирните води на реката, кај длабокиот вител на високата карпа се бањавме и разладувавме – ми прикажуваше мојот соговорник кој воедно е и коавтор на сите  досегашни мои напишани и објавени текстови за село Пожаране. 
Место за разладување
На само километар погоре по течението на реката, додаде мојот втор соговорник, има живописен водопад кој плени со својата убавина. Можеби во блиска иднина- додаде тој, ќе се реализира замислата на селото, до него  да биде пробиена и направена безбедна пешачка патека за сите љубители на селскиот туризам кој што сакаат да го посетат и видат овој водопад од неговата непосредна близина. 
Пејсажи од реката

Водени слапови на реката





После поминатите убави моменти  на одмор и рекреација покрај старата пожаранска воденица и река, го напуштивме ова место со надеж дека во најскоро време ќе го посетиме и  водопадот, а потоа со слика и  збор ќе ги пренесеме нашите впечатоци до сите љубители на природните убавини  на село Пожаране.....
 ________________________
      Боге Војноски-автор на текстот

Преостанати блогови за село Пожаране: